Морено по смената кај „фуријата“: Првото искуство почна и заврши - грочливо-слатко!

Шокантна беше веста дека Роберто Морено после шест меча и пласман со Шпанија на Евро 2020 добил отказ, а на кормилото ќе се врати Луис Енрике, кој во јуни си замина од оваа позиција поради тешка болест на својата ќерка, која во август трагично почина.

Шпанските медиуми објавија дека по последниот евроквалификациски меч, Морено со солзи се простил од фудбалерите на „црвената фурија“, а дека нешто се случува во селекцијата најава било неговото непојавување на пресконференцијата по мечот. Наводно Морено не сакал да се врати повторно да му биде помошник на Енрике, откако го замени по заминувањето на бившиот кормилар на Селта, Рома и Барселона од клупата. Кога Енрике си замина поради тешката состојба на ќерката, Морено јавно објави дека секогаш ќе се тргне од клупата ако неговиот шеф реши да се врати. Но, медиумите сега пласираат поинакви приказни.

Доскорешниот селектор првпат јавно преку соопштение сега се огласи за ситуацијата и неговата смена, со што Енрике ќе се врати на кормилото и ќе го води тимот на Евро 2020.

„После тоа што се случи во вторникот, чувствувам потреба да ѝ се обратам на јавноста и да им се заблагодарам на сите кои ми даваа поддршка. Соочени со таа ситуација на Малта, кога Енрике си замина, морав да го преземам националниот тим. Би сакал тоа да не се случеше, зашто сега сите ќе го славевме пласманот на ЕП. Секогаш говорев дека сум човек од збор и реков дека нема да бидам пречка ако Луис реши да се врати. Тоа и сега го направив, иако тоа значи дека останувам без работа. Јас само им благодарам на фудбалерите, сакав да бидам фер со нив, да им помогнам. Ќе повторам, јас немаше да се развијам како тренер да не беше Луис Енрике и остатокот од стручниот штаб. Им благодарам на сите. Моето тренерско искуство почна и заврши со горчливо-сладок вкус. Сега се радувам на новите предизвици“, објави Морено.