„Мора да видам што се случува со Ристовски, три црвени картони се премногу“

Македонскиот репрезентативен десен бек Стефан Ристовски од Спортинг Лисабон синоќа за нешто повеќе од три месеци го заработи третиот директен црвен картон, овојпат оставајќи го на цедило својот тим во 37-та минута против Тондела (1-1).

Ристовски беше исклучен против Сетубал на 30 јануари годинава за да пропушти две дербија по ред со Бенфика, а потоа доби црвен картон и со Чавез за третпат да не игра на градското дерби со „орлите“. Сега е исклучен за „насилен напад“ (удар без топка) со што се соочува и со поголема суспензија од еден меч, што би значело можност да не игра ни во финалето на Купот на Португалија против Порто на 25 мај.

Тренерот на Спортинг, Марсел Кајзер после мечот изјави дека ќе има посебен разговор со Македонецот за да види што тоа се случува во неговата глава за веќе преголемиот број на исклучувања во краток период.

„Исклучувањето се покажа како клучен момент на исходот, зашто до тој момент доминиравме. Јас не сум разговарал со Стефан, но ќе разговарам. Вече неколкупати се случува истото, три исклучувања се премногу во Лигата. Морам да видам што се случува со него“, изјавил Кајзер.

Соиграчот на Ристовски, Жереми Метју, поранешен фудбалер на Барселона изјави дека Ристовски заслужено бил исклучен.

„Стефан е млад фудбалер и треба да научи на своите грешки. Јас не видов што се случи во моментот, но тешко е. Судиите виделе дека имало удар врз противникот. Ако во фудбалот има контакт, тогаш тоа е негова одлука“, посочил Метју.

Интересно, Ристовски третпат е исклучен со помош на видео-технологијата ВАР.