Модриќ на последниот ден од преодниот рок одбил три понуди за да замине од Реал

Најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид во овој летен преоден рок не купи ништо, туку само се ослободи од вишокот фудбалери, па заработи 111 милиони евра, задржувајќи го комплетно тимот со кој изминатата сезона ја освои титулата во Ла Лига.

Според „Диарио Гол“, на последниот ден од преодниот рок дури три понуди за хрватската ѕвезда Лука Модриќ дошле во Реал, но сите три експресно и клубот, а и фудбалерот – ги одбиле.

Првата понуда била од Манчестер сити, кој првично тргнал да го купува Иско и испратил понуда за шпанскиот репрезентативец, ама и да се распраша за достапноста на Модриќ, за кој за секунда добиле негативен одговор. После „граѓаните“, за Модриќ се јавиле и лондонски Тотнем, предводен од Жозе Мурињо, како и Интер, клуб со кој Хрватот се поврзуваше уште пред година ипол.

Но, истиот одговор го добиле и лондончани, а и „нераѕурите“, дека фудбалерот за врска не е на продажба. Модриќ неодамна објави дека има желба да се пензионира во дресот на Реал и дека е подготвен да игра и за помала плата откако актуелниот договор ќе му истече за една година.

„Модриќ не може да игра по 90 минути на три-четири меча по ред, ама и понатаму е најдоброто решение кое Зидан го има во моментов, затоа Реал не сакаше ни да чуе за некаква понуда и евентуална продажба на Хрватот“, пишува Диарио Гол.