Млад навивач на Јунајтед побара од Клоп веќе да не победува: Менаџерот веднаш му одговори (ФОТО)

Ливерпул е во неверојатна серија во Премиерлигата. Нема пораз цела сезона и на 26 натпревари има 25 победи и само едно реми против Манчестер јунајтед. 

Предноста на „црвените“ е цели 22 бода пред најблискиот ривал Манчестер сити. Млад навивач на Манчестер јунајтед му испрати писмо на Јирген Клоп со цел да го замоли неговиот тим да престане да победува, а на негово изненадување менаџерот на Ливерпул веднаш му одговорил.

„Драг Јирген Клоп. Ливерпул остварува премногу победи. Ако триумфирате уште на девет натпревари ќе имате најдолга низа на непобедливост во историјата на англискиот фудбал. Со оглед на тоа дека сум навивач на Манчестер јунајтед, тоа ме прави многу тажен. Ве молам да го загубите вашиот следен натпревар. Само треба да му дозволите на вашиот противник да постигне гол. Се надевам дека ве убедив да не ја освоите лигата или барем веќе да не победувате“, стои во писмото на 10-годишниот Дара.

На големо изненадување, Јирген Клоп му одговорил на младиот навивач на Манчестер јунајтед со жалење дека не може да ја оствари неговата желба.

„За жал не можам да ја остварам твојата желба. Ти колку и да сакаш Ливерпул да загуби, мојата работа е да направам сè за клубот да победи, бидејќи имаме милиони навивачи низ целиот свет кои сакаат да се случи токму тоа. Не сакам да ги изневерам. За твоја среќа ние сме губеле натпревари во минатото и мислам дека тоа ќе се случува и во иднина. Проблемот кога имаш 10 години дека мислиш дека работите секогаш ќе бидат исти. Јас со 52 години можам да ти кажам дека тоа не е така. Се надевам дека ќе оствариме уште победи и дека ќе освоиме некој трофеј и дека тоа нема да те разочара. Иако нашите клубови се ривали, постои големо почитување меѓу нас. Тоа е она што е најважно во фудбалот“, напишал во својот одговор Клоп.