Мирољубиво реми на „Стемфорд бриџ“: ВАР го оштети Манчестер јунајтед (ВИДЕО)

Челси и Манчестер јунајтед одиграа без голови во дербито на 26.коло во Премиерлигата. 

Иако се играше отворено на двете страни со многу трчање и пресинг, сепак немаше погодок на „Стемфорд бриџ“. Првото полувреме го одбележа новиот контроверзен момент при употребата на ВАР, кога за Манчестер јунајтед не беше досуден пенал по очигледно играње со рака

Во второто полувреме Челси можеби беше подобриот тим со поголем посед и повеќе обиди кон противничкиот гол, но на крајот мораше да се задоволи со реми без голови. Продолжува позитивната серија на „сините“ под водство на новиот немаџер Томас Тухел, кој засега нема пораз на седумте меча на клупата.

Она што е интересно е фактот, што „ѓаволите“ сезонава против тимовите од „Големата шесторка“ немаат победа и имаат постигнато само еден гол. Најчест резултат на Јунајтед на дербијата е 0-0, како на двете пресметки со Челси, потоа со Ливерпул, Сити и Арсенал, а еднаш загуби од „топчиите“, додека има и убедлив пораз од 1-6 од Тотнем. Сепак, тимот на Оле Гунар Солшер е во една фантастична серија на гостински терен од 20 натпревари без пораз во Премиерлигата. 

Манчестер јунајтед останува на втората позиција на табелата со 50 бодови или 12 помалку од Манчестер сити. Челси е петти со 44 бодови.