Милан служи за раздавање бодови на „фенерџиите“ во Серија А (ВИДЕО)

Ни Џенаро Гатузо не може да го поправи ужасниот Милан сезонава, кој ја плаќа цената на лошиот трансфер период летово, кога доведе екстремно скапи засилувања за да биде на средината од табелата во Серија А.

Верона денеска ги прегази „росонерите“ со 3-0 и им се реваншираше за поразот со истиот резултат во Купот на Италија пред три дена на „Сан Сиро“. Овој Милан е подготвен да раздава бодови на најслабите тимови во лигата, па откако на Беневенто му подари прв историски бод, сега Верона дојде до втората сезонска победа на домашен терен.

До денешниот дуел на „Бентегоди“ домашниот тим имаше вкупно пет постигнати голови сезонава, а само денеска три пати ја затресе мрежата на седумкратниот европски првак. Одбраната предводена од Леонардо Бонучи повторно не беше на потребното ниво, бидејќи со три добри напади Верона три пати го матираше Џиџио Донарума.

Антонио Карачоло го отвори резултатот со гол со глава по еден одличен корнер, додека во второто полувреме работата ја завршија Мојс Кин и Даниел Беса.