Милан се буди: ЛШ е оддалечена само седум бодови (ВИДЕО)

Милан можеби имаше ужасен старт на сезоната, но во последниот период има голем напредок во играта, што го покажуваат и резултатите. Вечерва „росонерите“ на „Сан Сиро“ со 1-0 беа подобри од Сампдорија. 

Резултатот не го отсликува натпреварот во вистинско светло, бидејќи домаќинот комплетно доминираше и можеше и требаше да слави многу поубедливо, против гостите од Џенова, кои единствената шанса на дуелот ја имаа во 90-тата минута.

Рикардо Родригез не реализираше пенал за Милан во седмата минута, но затоа пак Џакомо Бонавентура реализираше во 14-тата минута по одличната асистенција на Давиде Калабрија. Овој гол се покажа доволен за момците на Џенаро Гатузо. Милан нема пораз на последните девет натпревари во сите конкуренции.

Милан останува на седмата позиција на табелата во Серија А со 41 бод, колку што има и вечерашниот противник Сампдорија на шестата позиција. Она што е најважно за „росонерите“ е тоа што ја намалија негативата во однос на градскиот ривал Интер, кој се наоѓа на четвртата позиција на само седум бодови. Ова значи дека сонот за пласман во Лигата на шампиони и натаму е реален.