Милан не се предава: Пјонтек и Сусо го решија Фросиноне – сега чекаат помош од Јуве (ВИДЕО)

Поранешниот италијански и европски првак Милан не се предава во трката за Лигата на шампионите, па денеска со 2-0 го победи Фросиноне за да остане во трката за место во ЛШ и сега ќе се надева на помош од Јувентус за да остане на четвртото место на табелата.

Милан со головите на Криштоф Пјонтек и Сусо за 11 минути во средината на второто полувреме стигнаа до триумф со кој се искачија на четвртото место со 65 бода, колку што има и петопласираната Аталанта, а еден зад Интер. Вечерва Интер му гостува на Наполи, а Аталанта на Јувентус, па „росонерите“ чекаат помош од двата најдобри клубови за да останат во таа трка за место во европската елита.

Милан има подобар меѓусебен скор со Аталанта при ист број на бодови. Во последното коло за седум дена од 15 часот, Милан има меч со Спал, Аталанта игра со Сасуоло дома, а Интер со Емполи.