Михајловиќ збесна и опцу во живо на Скај спортс поради – реклами (ВИДЕО)

Тренерот на Болоња, Синиша Михајловиќ, се најде во центарот на вниманието на италијанската спортска јавност, откако по синоќешниот триумф над Парма (4-1) опцу во живо на телевизијата Скај спортс Италија незадоволен од третманот кој го доби.

Србинот требаше да даде свое видување на натпреварот, но само што почна беше прекинат од водителот во студиото со напомена дека треба да биде пуштен подолг рекламен блок. Тоа ептен го налути Михајловиќ кој кажа збор што не е за во етер.

„Рекламниот блок може да оди во ку*ац“, рече српскиот стратег, по што потенцира дека нема намера да чека да завршат рекламите и си замина од местото каде што требаше да биде интервјуиран.

Ова не е прв инцидент на предводникот на Болоња со новинарите на Скај спорт Италија, со оглед што често ги критикуваше во минатото, пред сѐ поради нивната, според него, тенденција да го фаворизираат тимот против кого настапуваат неговите фудбалери.