Меси и Роналдо одбиле милиони од Саудиска Арабија зашто земјата ги крши човековите права

Двајцата најдобри светски фудбалери во изминативе деценија ипол Лионел Меси и Кристијано Роналдо одбиле милиони од Саудиска Арабија, која се обидела со сериозна сума на пари да ги придобие како промотори на земјата, не само за туризам, туку и воопшто, објави угледниот англиски весник „Телеграф“.

Саудиска Арабија не е многу омилена во западниот свет поради кршење на човековите права, најмногу поради третманот на жените во земјата, па оваа арпска земја, најмоќна во тој регион, се обидела преку двајцата најдобри фудбалери, кои имаат милиони навивачи на светот, да си го поправи угледот и со многу пари да ги придобие.

Арно ама, Аргентинецот и Португалецот експресно ги одбиле понудите, зашто не сакале да промовираат земја која ги крши човековите права.

Како што објавува англискиот весник, прво бил контактиран Роналдо, кој уште на прва ги одбил, па следел контакт со Меси, кој преку своите посредници исто така ја одбил понудата. Саудијците нуделе шест милиони евра годишно, само да ги користат за промоции на земјата, но дури биле расположени да дадат и повеќе пари.

Неофицијално, фудбалските ѕвезди не сакале да си ја уриваат својата репутација со таков потфат, зашто би се нашле како на стрелиште од бројни организации кои со години пишуваат лоши извештаи за Саудиска Арабија околу кршењето на човековите права. Ова посебно важи за Роналдо, кој до пред година ипол се најде во скандал со наводно силување на една Американка, па стравот дека многубројните организации за правата на жените уште повеќе би го распнале ако привател таква маркетинг понуда.