Мендеш сам ќе го плати обештетувањето на Мурињо, но летово ќе има голем бизнис во Реал!

Жозе Мурињо ќе почека уште најмалку две недели додека да биде назначен за нов тренер на Реал Мадрид, а во меѓувреме можноста за откуп од Бенфика може да истече.

Мурињо во договорот со Бенфика има клаузула според која може да биде откупен за околу шест милиони евра, но таа е со рок на траење.

Реал Мадрид влезе во избори кои ќе траат две недели. Извесно е дека Флорентино Перез ќе победи, но пред да завршат изборите, кралскиот клуб не може да потпише со Португалецот.

Информациите велат дека агентот на Мурињо, Жорж Мендеш сам ќе го плати обештетувањето на Мурињо со цел да биде сигурен дека тој ќе се пресели во Реал Мадрид.

Интересот на Мендеш е бизнисот кој ќе го има со Реал Мадрид ова лето. Шпанските медиуми пишуваат дека доколку Флорентино Перез победи, во летниот преоден рок тој ќе купи најмалку еден фудбалер кој е застапуван од Мендеш.

Мурињо веќе има направено листа на посакувани засилувања, а на неа има и играчи кои ги претставува неговиот агент.

Мендеш на Реал му понудил голем дел од своите фудбалери ова лето. Во негов интерес е Флорентино Перез да ги добие изборите и Мурињо да се пресели таму.