Мекдоналдс ќе го спонзорира Наполи за да си изгради свој стадион

Американскиот гигант за брза храна Мекдоналдс е заинтересиран да му помогне на првиот човек на италијански Наполи, Аурелио Де Лаурентис да изгради сопствен стадион, со цел да ги избегне големите проблеми што во моментов ги има клубот со „Сан Паоло“, кој е сопственост на градот.

Состојбата на стадионот во Неапол е во очајна состојба, за која и покрај шминкањето во последно време, Де Лаурентис го посочи дека личи на „џиновски тоалет“, а Наполи во последно време не успева да го наполни 55.000 капацитет на стадионот, што крајно незадоволен го прави Де Лаурентис. Првиот човек на наполитанците побарал од УЕФА да пријави алтернативен стадион за мечевите во ЛШ, се споменуваше и Бари, но европската централа експресно го одби тоа барање.

Италијанскиот весник „Кроначе ди Наполи“ објави дека Мекдоналдс веќе му пристапиле на Де Лаурентис за изградба на нов стадион, за кој се подготвени финансиски да учествуваат во неговата изградба, во замена за тоа стадионот да се вика „Мекдоналдс Арена“. На овој начин Наполи би добил свој дом, кој ќе им донесе поинаков бенефит и поголем комфор, нешто што Јувентус го има во моментов.

Најтрофејниот италијански клуб изгради „Јувентус Арена“ со капацитет од 40 илјади гледачи и избега од поранешниот свој стадион, кој беше сопственост на градот, а сега стадионот на Јуве се вика „Алијанц“, па правата за името „старата дама“ добро ги наплати. Сепак, во случајот со Мекдоналдс, во Италија се сомневаат во исплатливоста на проектот, затоа што американскиот гигант не е баш омилен на Апенините покрај познатата италијанска кујна.