„Марка“ направи анкета, Шпанците избраа - Барди е подобар од Меси (ФОТО)

Откако македонскиот репрезентативец Енис Барди викендов повторно ги воодушви Шпанците со новото ремек-дело од слободен удар за победата на Леванте против Гетафе со неговиот гол, најугледниот шпански спортски весник „Марка“ објави анкета кој е подобар изведувач на прекини – Барди или Лео Меси.

И по објавената анкета во која досега гласаа преку 1.000 читатели на „Марка“, Енис Барди води убедливо на анкетата со 59 отсто од гласовите пред еден од најголемите фудбалери на сите времиња, аргентинскиот виртуоз од Барселона.

Инаку „Ел Мундо“ во својот текст за Барди го прогласи македонскиот ас за „крал на слободните удари“, потенцирајќи дека двојно поголема е успешноста на Барди со головите од прекини и тоа фудбалерот на Леванте има 24 отсто реализација, а Меси само 12 отсто успешност.

„Марка“, пак, потенцира дека во последниве две сезони, откако Барди дојде во Ла Лига, Македонецот опасно му се заканува на Меси за да биде најдобар стрелец од слободни удари. Барди лани даде пет гола, а со овој стигна до шест, додека Меси има седум голови од слободни удари.

Инаку во минатата сезона Барди стана најдобар дебитант во историјата на шпанскиот фудбал со пет гола од слободни удари, а влезе во историјата и како стрелец на најбрзите два гола од прекин против Атлетик Билбао (123 секунди).

Барди од денеска е со репрезентацијата на Македонија на подготовките за претстојните два меча со Лихтенштајн и Ерменија во Лигата на нации, а македонската јавност очекува од фудбалерот за врска конечно да го види едно ремек-дело за националниот тим од слободен удар.