Лукаку му порачал на Интер да ја прифати џиновската понуда од Челси за негов трансфер

Белгискиот ѕвер Ромелу Лукаку за кого ептен е заинтересиран новиот европски првак Челси за да го ангажира летово, па „сините“ понудија над 120 милиони евра, му порачал на Интер да ја прифати понудата, објави вечерва „Скај Спорт“.

Иако навивачите на Интер се бесни после информациите дека Лукаку најверојатно ќе си оди, миланскиот клуб е во финансиски проблеми од поодамна поради тешката финансиска криза на мнозинскиот акционер Сунинг, па сега Лукаку на првиот човек Стивен Женг му упатил порака да ја прифати понудата што е дојдена од Лондон.

Челси сакаше да го купи Ерлинг Браут Халанд од Борусија Дортмунд, но таа операција е прескапа и поради алчниот менаџер Мино Рајола, кој бара 40 милиони евра само за него провизија, настрана 175-те милиони за трансфер. Лукаку сега е пореална опција, а Белгиецот на „Стемфорд бриџ“ би имал 12 милиони евра годишна плата.

Лукаку веќе еднаш беше дел од Челси, но не се изнаигра кога дојде за 15 милиони евра од Андерлехт, по што беше дел од Евертон и Манчестер јунајтед, пред да се пресели во Интер пред две години.

Белгиецот беше еден од клучните фудбалери на Интер за првата шампионска круна по пауза од 11 години, но летово шампионскиот тим почна да се распаѓа со заминувањето на тренерот Антонио Конте, па со продажбата после само една сезона на десниот бек Ашраф Хакими, кој за 70 милиони евра замина во ПСЖ.