Луда изјава на новиот шеф на Барса: До вчера шетав крави, а сега ќе го тренирам - Меси!

Новиот тренер на Барселона, Кике Сетиен беше претставен на „Камп Ноу“, каде што стави потпис на договор до јуни 2022 година.

Сетиен имаше тренинг со фудбалерите на Барселона, по што се завршија сите формалности и презентацијата, па прво зборуваше претседателот на клубот Жозеп Марија Бартомеу.

„Пред сè сакам да му се заблагодарам на Кике што го прифати предизвикот. Клуб како Барселона секогаш има потешкотии, но има и свои награди. Го знаеме Кике и неговиот начин на игра. Тој води сметка за играта и стилот, па во тоа се сложуваме со него. Благодарност и до Ернесто Валверде за тоа што го направи за клубот“, порача Бартомеу.

Потоа кон медиумите се обрати и Сетиен, кој уште не може да поверува дека ја добил шансата да ја води Барселона.

„Благодарен сум за шансата од претседателот и неговите соработници. Ниту во своите соништа не можев да замислам дека ќе бидам тука. Многу сум емотивен. До вчера шетав крави во своето село, а денес во Барселона ги тренирам најдобрите играчи во светот. Со Валверде секогаш имав добар однос, тој е коректна личност. Можеби поразот во Суперкупот имаше свои последици, но благодарен сум поради тимот што ми го остава. Разговарав со фудбалерите, имавме прв контакт“, порача Сетиен.