Ливерпул по точно еден месец конечно победи, Харисон со хет-трик јунак на Лидс во Лондон! (ВИДЕО)

Поранешниот англиски првак Ливерпул после точно еден месец конечно победи за да остане во каква-таква борба за шампионската круна со недопирливиот актуелен првак Манчестер сити, откако „црвените“ попладнево со 3-0 го победија Брентфорд и сега се на 11 бода од „граѓаните“ со еден меч помалку.

Последен пат Ливерпул во Премиерлигата победи на 16 декември против Њукасл со 3-1 и оттогаш во три меча во низа немаа триумф, ремизирајќи во две дербија со Тотнем (2-2) и Челси (2-2) и еднаш загубија од Лестер (0-1), па триумфот им беше и тоа како потребен за дефинитивно да не го загубат чекорот со лидерот, иако и вака разликата е преголема.

Фабињо на минута пред полувремето после асистенција на Трент Александер Арнолд, Алекс Окслејд-Чембрлен во 69-та минута на асистенција на Енди Робертсон и Минамино после асистенција на Роберто Фирмино во 77-та ги постигнаа трите гола за победата на „црвените“, нивна 13-та сезонава во 21 меч, по што дојдоа до 45 бода и се вратија на второто место, 11 зад Манчестер сити кој има 56 бода од 22 меча. Европскиот првак Челси, пак, е трет со 43 бода.

Четвртиот Вест Хем доживеа неочекуван пораз од Лидс во Лондон, па загуби со 2-4 во втората денешна пресметка, после што Арсенал и Тотнем сега имаат отворен пат кон четвртото место кое води во Лигата на шампионите. Двата севернолондонски ривали денеска не играат откако Премиерлигата им го одложи дербито поради ковид-19 кај „топчиите“, но Арсенал со два меча помалку е на само два бода од Вест Хем, додека Тотнем има дури четири меча помалку во однос на Вест Хем, а е на пет бода разлика.

Џек Харисон е херојот на Лидс за втора победа во низа, откако даде хет-трик денеска во Лондон за победата против Вес Хем. Херисон погоди во 10-та и 37-та минута, а потоа во 60-та за да ја донесе победата, откако „чеканите“ двапати успеваа да израмнат, прво преку Боувен во 34-та, па преку Форналс во 52-та.

Лидс со петтата победа сезонава сега има 22 бода и е девет над зоната за испаѓање со меч помалку од Норич, додека Вест Хем остана на своите 37 бода после седмиот пораз.