Ливерпул останува перфектен, Арсенал со играч помалку до пресврт и победа (ВИДЕО)

Во Премиерлигата денеска на програмата беа две крајно интересни пресметки, по кои Ливерпул го совлада Челси на гостински терен со 2-1, а Арсенал славеше со 3-2 против Астон Вила и тоа со играч помалку. 

„Црвените“ остануваат перфектни во Премиерлигата по шест одиграни натпревари, откако со 2-1 славеа на „Стемфорд Бриџ“ против Челси. Двата гола Ливерпул ги постигна во првото полувреме, најпрво преку Трен Александер-Арнолд, а потоа погоди и Роберто Фирмино. Утешен гол за Челси постигна Енголо Канте во 71-та минута.

Ливерпул е првиот тим во историјата на најсилната англиска фудбалска лига што стартувал две сезони по ред со перфектен скор по шест одиграни кола.

Арсенал стигна до фантастична победа од 3-2 против Астон Вила. Гостите поведоа со 0-1 со голот на Џон Мекгин во 20-тата минута, а ужасното прво полувреме за „топчиите“ го надодполни Ејнсли Мејтланд-Најлс, кој заработи исклучување по вториот жолт картон.

Никола Пепе израмни од пенал во 59-тата минута, но гостите од Бирмингам веќе во следниот напад повторно погодија за ново водство преку Весли. Калум Чејмберс во 81-та минута го најави пресвртот израмнувајќи на 2-2, а победничкиот гол за Арсенал беше дело на Пјер Емерик-Обамејанг.

Интересно е тоа што Арсенал по трет пат во историјата на Премиерлигата стигнал до победа иако добил црвен картон при негативен резултат.