Ливерпул на лето го купува најдобриот фудбалер на Косово?

Најдобриот косовски фудбалер Милот Рашица, кој ќе го предводи Косово на историскиот бараж во Скопје против Македонија на лето ќе направи трансфер во актуелниот европски и светски првак Ливерпул, најави најтиражниот германски весник „Билд“.

Повикувајќи се на извори од Вердер Бремен, каде Рашица моментно е член, менаџерот на „црвените“ Јирген Клоп веќе подолго време го следел Рашица и сака да го донесе во своите редови, а Косовецот требало да биде „бекап“ на Садио Мане, кој пак се поврзува со трансфер од „Енфилд“.

Рашица има договор со Вердер до 2022 година, каде дојде од холандски Витесе за 6.3 милиони фунти во јануари 2018 година и за две години има 23 гола и 10 асистенции за актуелниот тим во 61 меч. Посебно во извонредна форма, со која го сврте вниманието, Косовецот игра сезонава во која веќе даде 10 гола и има четири асистенции во 21 настап.

На Клоп му се допаѓа Рашица зашто иако природно е десно крило, во изминатиов период игра буквално на сите позиции и како лево крило, зад напаѓачите, а може да одигра и како центарфор, па таа поливалентност во нападот му одговара на Германецот бидејќи така ќе има опција плус за замена и на Фирмино и на Салах.

Поради презгуснатиот календат од сезона во сезона, Ливерпул бара фудбалери со кои ќе ја зголеми конкуренцијата, но ќе добие бројка со играчи со еднаков квалитет за да може во напорната сезона на четири фронта, сите да ротираат и да се одржи свежината на тимот.