Ливерпул на аукција собра милион евра од меморабилија од стариот тренинг-центар

Англиските навивачи се болни по парчиња од историјата кога станува збор за нивниот омилен клуб, па откако актуелниот англиски премиерлигаш Ливерпул го напушти старуиот тренинг-центар во Мелвуд и се пресели во новиот супермодерен комплекс, „црвените“ организираа аукција на вредни парчиња од историјата и собраа – милион евра.

Навивачите на „црвените“ потрошиле 870 илјади фунти (над милион евра) за вредни парчиња од историјата од тренинг-центарот во Мелвуд, а парите ќе одат во хуманитарни цели, дел за битката против коронавирус, а дел во фондацијата на премиерлигашот. Интересно, дури за повеќе од четирипати бил севкупниот приход од аукцијата, зашто првично требало да се соберат 200.000 фунти.

Најголема цена достигнала шампионската табла во Мелвуд, која на навивач на „црвените“ му е продадена за 30.000 фунти, знакот на влезот во тренинг центарот бил продаден за 8.700 фунти, а двосед од канцеларијата на Јурген Клоп бил продаден за 1.700 фунти...Вкупно 464 предмети биле продадени на аукцијата.

Дури и обична слика од бившиот менаџер Рој Хоџсон достигнала цена од 420 фунти.

Тренинг-кампот на Ливерпул во Мелвуд беше изграден во 1950 година, а во ноември „црвените“ се преселија во новиот комплекс во Киркби, вреден 50 милиони фунти