Се бара карта повеќе: Ливерпул ќе го проширува „Енфилд“ за нови 6.000 места!

Фудбалскиот клуб Ливерпил планира градежен зафат на својот стадион „Енфилд Роуд“ со цел да го зголеми капацитетот на седишта. 

„Црвените“ веќе поделиле преку 5.000 летоци на локалните жители и низа луѓе од бизнис заедницата околу плановите и идејата да се прошири култниот стадион. Причина за одлуката е што сè повеќе има побарувачка за мечевите на четата на Јирген Клоп, па практично актуелниот капацитет од 54.000 гледачи е премалку за сите што се заинтересирани да го гледаат овој клуб, шесткратен европски првак.

Идејата за проширување доаѓа во момент кога ривалите од Премиерлигата веќе изградија или доградија стадиони. Лондонските Арсенал и Тотнем изградија нови, а Манчестер јунајтед и Манчестер сити ги надоградија своите фудбалски храмови, па Ливерпул е само еден во низата.

Интересно е што „црвените“ пред само три години инвестираа 130 милиони евра во доградба на својот стадион, но сега повторно ќе треба да го прошируваат својот стадион.