Лесни „три“ за Арсенал: Обамејанг прво се посрамоти, па му даде два гола на Њукасл (ВИДЕО)

Фудбалерите на Арсенал лесно и убедливо дојдоа до трите бода во вечерашната пресметка на домашен терен против Њукасл (3-0), во последниот меч од 19. коло од Премиер лигата.

„Топчиите“ триумфот го обезбедија во второто полувреме, во кое паднаа сите погодоци, откако одиграа безидејно во првите 45 минути, во кои Обамејанг ја имаше најголемата шанса во 15. минута, но се посрамоти откако промаши празен гол од еден метар. Но, тоа како да го налути Габонецот, па во продолжението двапати ја смести топката во противничката мрежа. Првиот гол го постигна во 50. минута, а вториот во 77. минута, додека во меѓувреме, по еден час игра, во листата на стрелците се запиша и Сака.

Со овој триумф, екипата од Лондон се искачи на десеттата позиција на премиерлигашката табела со 27 бодови, додека Њукасл остана ма 15. позиција со 19 бодови.