Л'Екип: Сагата заврши за Гризман – Барса ја плати отштетата!

Трансфер-сагата околу француската ѕвезда Ентоан Гризман заврши. Барселона после напорни преговори и проблеми ја активираше 120 милиони евра тешката откупна клаузула и офанзивната суперѕвезда доаѓа во Каталонија, објави синоќа најугледниот француски весник „Л'Екип“.

Иако од поодамна се најавуваше трансферот на Гризман како најголема бомба засега за шпанскиот шампион, во последните денови трансферот заглави, зашто Барселона се најде во проблем за да извади банкарска гаранција поради неликвидност. Сето ова дојде откако Атлетико Мадрид ги одби сите можни понуди од Каталонија, трансферот да биде платен на рати.

Отштетата за Гризман беше 200 милиони евра, но после 1 јули таа е 120 милиони. Барселона дури понудила и десет милиони повеќе само да може да го реализира трансферот на неколку рати, но сето тоа од Атлетико го одбија, барајќи трансферот да се плати во една трансакција.

Според вчерашните најави Гризман брзо ќе ги заврши формалностите и ќе го потпише договорот, но нема да има претставување од соништата, зашто Барса од страв за безбедноста најавила дека тоа ќе се случи само пред новинарите без присуство на навивачи. Причината е фактот дека навивачите на Барса се гневни на Гризман откако ланското лето ги изигра и остана во Атлетико, иако имаше веќе договорен трансфер.