Легендарниот голман во Серија А - стана напаѓач! (ВИДЕО)

Еден од култните ликови во италијанскиот фудбал, Стефано Сорентино, одлучи да ја прекине кариерата, барем тоа е она што го најави минатата недела.

Овој легендарен чувар на мрежата, по повеќе од 20 години професионален фудбал и 363 натпревари во Серија А, за момент реши да стави крај на богатата кариера.

Патем, најголем дел од својата кариера ја помина во редовите на Киево и стана „жива легенда“ на „Летечките магариња“. За овој клуб одигра вкупно 271 натпревар.

Денес се збогувам со фудбалот. Имав среќа да играм во Серија А на 40-годишна возраст. Имав неколку понуди во изминатите неколку месеци, но ништо не ме возбуди, па затоа е време да почнам да размислувам за тоа што ќе правам кога ќе пораснам, се пошегува Сорентино најавувајќи крај на кариерата.

Но, сега се предомисли. Тој ги фрли голманските ракавици, но не и фудбалот. Имено, Сорентино вчера официјално стана нов играч на Черво, тим кој се натпреварува во осмиот ранг на италијанскиот фудбал (Втора категорија, Група А). Она што е интересно е дека Сорентино ќе игра во офанзивната линија на новиот клуб, позиција што своевремено беше неговата голема желба.

Интересно е и тоа што сега негов тренер ќе биде неговиот татко Роберто Сорентино, кој е стратег на Черво.

Така, по долгогодишниот „судир“ со најдобрите напаѓачи на Италија, Сорентино сега ќе биде закана за голманите - во регионалните „пресметки“.

Покрај Киево, Сорентино беше член на Јувентус, Торино, Јуве Стабија, АЕК, Рекреативо Хуелва и Палермо.