Легенда на Јунајтед уште на стартот на сезоната погоди кога Мурињо ќе добие отказ

Дека Жозе Мурињо одамна го загуби конците во Манчестер јунајтед, јасно е од поодамна, откако „црвените ѓаволи“ со серијата на лоши резултати останаа без шанса да се борат за шампионската титула уште по една третина од првенството, а легендарниот Ли Шарп, екс-фудбалер на великанот уште на стартот на сезоната погоди кога португалскиот менаџер ќе добие отказ на „Олд Трафорд“.

Малкумина по стартот на сезоната имаа храброст да најават дека Мурињо среде сезона ќе добие отказ, иако имаше голем број на легенди на клубот кои ја критикуваа работата на Португалецот. Но, Шарп уште по поразот од Брајтон со 2-3, најави дека Мурињо пред Божиќ ќе добие клоца од „Олд Трафорд“.

„Мурињо ќе добие отказ пред Божиќ“, најави тогаш Шарп и погоди.

Португалецот денеска нецела недела до Боќиќ е сменет од кормилото менаџер на Манчестер јунајтед.

„Ако Мурињо продолжи со оваа досада и со плачењето после секој неуспех, луѓето ќе се свртат против него и тој став не води никаде, најмалку кон врвот. Се гледа дека постојано 'труби' едно исто, повторува излитени фрази... Се споија тука многу негативности, па промените се неопходни“, додал тогаш Шарп.

Овој фудбалер играше за Манчестер јунајтед во периодот од 1988 до 1996 година.