Леганес капитулираше откако Меси се појави на „Камп Ноу“ (ВИДЕО)

Барселона славеше со 3-1 против Леганес во 20.коло во Ла Лига, но само откако Лионел Меси влезе во игра. Ернесто Валверде очекуваше полесен триумф па затоа на клупата ги остави Лионел Меси и Иван Ракитиќ.

Усман Дембеле го доведе домашниот тим во водство од 1-0 во 32-та минута. Мартин Братвајт израмни за гостите во 57-та минута. Веднаш по примениот гол, Меси заедно со Ракитиќ истрчаа на теренот.

Аргентинецот шутираше фантастично од далечина, а голманот Иван Куелјар одлично одбрани, но топката се одби до Луис Суарез, кој ја смести во голот. Уругваецот погоди, но можеби имаше и прекршок над голманот. Сепак главниот судија Бенгоечеа не досуди ништо и покажа на центарот.

Меси самиот се запиша во листата на стрелците во судиското продолжение по фантастичната двојна игра со Жорди Алба.

Барселона останува на врвот во Ла Лига со 46 бодови или пет повеќе од второпласираниот Атлетико Мадрид.