Кулушевски: Роналдо дојде и ми посака добредојде кога потпишував за Јувентус

Шведскиот фудбалер Дејан Кулушевски, кој има македонско потекло, следната сезона ќе го носи дресот на Јувентус, а во интервју за престижниот италијански весник „Газета дело Спорт“, изјави дека со нетрпение чека да заигра во ист тим со Пауло Дибала и Кристијано Роналдо.

Но, како што и самиот вели, прво сака со успех да се раздели со Парма, каде што сезонава игра како позајмен играч. Кулушевски со своите 20 години важи за еден од најперспективните играчи во Европа.

На вистински пат сум, секој ден се чувствувам сè посилен и подготвен за новиот предизвик. Со нетрпение чекам да се тестирам себеси против најдобрите. Во Јувентус одам да учам, таму ќе играм заедно со Дибала, кој има магична лева нога. Можам да играм на неколку позиции, па и во Торино ќе се борам за место во тимот. Претходно сакам со Парма да ги оствариме целите и да добиеме што е можно повеќе натпревари, вели Кулушевски, кој исто како и Дибала, е левучар.

Тој исто така има пофални зборови и за првата ѕвезда - Кристијано Роналдо.

Дента кога потпишав, имав прекрасен ден, атмосферата беше феноменална. Кристијано ми пријде, ми посака добредојде и ме праша како сум. Исто така и Буфон и Кјелини беа фини со мене. Многу бев среќен бидејќи до пред некоја година им се воодушевував гледајќи ги на телевизија. Се надевам дека ќе ја освоиме Лигата на шампионите, додава Кулушевски, кој имал понуда и од Интер, но го одбрал Јуве поради стилот на игра на тренерот Сари, за кој мисли дека му одговара повеќе отколку тој на тактичарот Конте.