„Кристијано подобро да им шутираш на резервите, добро е за твојата самодоверба“

Поранешниот голман на Манчестер јунајтед, Едвин ван дер Сар во интервју за „Фор-Фор-Ту“ се присетува на деновите кога играл заедно со Кристијано Роналдо.

Холанѓанецот истакнува дека успехот на Португалецот не е случаен и дека за време на тренинзите доста се шегувал со тогаш младиот фудбалер. Ван дер Сар потпиша за Јунајтед во 2005 година, а таму две сезони веќе беше Роналдо.

„Роналдо и Руни се трудеа многу за време на тренинзите и двајцата беа многу амбициозни, но Кристијано беше едно ниво погоре со тренинзите. Тој знаеше кога и колку треба да се одмара, а по тренинзите често работеше во теретана. По тренинзите тој често сакаше да вежба слободни удари и ќе побараше од мене да останам со него за да бранам. Јас често му велев, ’стар сум, земи некој од младинците’, но тој инсистираше јас да бранам, бидејќи поголем му беше предизвикот да ми даде гол мене отколку на младите голмани. Знаев да се шегувам со него често и му велев, ’Нема да ми дадеш гол на мене и самиот знаеш. Прашај го резервниот голман, тоа ќе биде подобро и за твојата самодоверба’. Тој постојано велеше, ’не, не, не, ти мораш да бидеш на голот’. Кристијано е прекрасно момче, но перцепцијата за него не вистинска рефлексија на неговата личност“, вели Ван дер Сар.