Корона-ефект: Скоро 1.000 трансфери и 1,7 милијарди долари помалку во 2020 година (ФОТО)

Пандемијата со коронавирусот кој нѐ турна во „нова нормалност“, а фудбалот буквално го затвори со катанци за љубителите на „убавата игра“ направи ршум во комплетната фудбалска индустрија, па џиновски трошоци од милијарди евра е ефектот на ковид-19 врз целата фудбалска структура.

Фудбалските клубови веќе ја пресметаа штетата за чие санирање ќе треба ѓаволски да се одработи во оваа 2021 година, а колкав е ефектот на коронавирусот врз нормалното функционирање на фудбалот, најјасно покажува извештајот за трансферите во 2020 година кој го објави ФИФА и според кој скоро илјада трансфери помалку се направени во споредба со 2019 година, а цели 1,7 милијарди долари е „загубата“, односно за толкава сума на пари помалку се потрошени во изминатите 365 денови за купување на фудбалери.

Според извештајот на ФИФА, во 2020 година биле реализирани 17.077 трансфери, за 970 помалку од 2019, кога биле направени 18.047 трансфери, но ефектот кој голем број на клубови го чивствуваат е сериозниот пад во потрошените пари за ангажмани на нови играчи.

Ако во 2019 година севкупно биле потрошени 7,35 милијарди долари, сега падот е 23,4 отсто или за 1,7 милијарди помалку, па сите 17.077 трансфери вределе 5,65 милијадри „зелени банкноти“.

Ова јасно отсликува дека намалувањето на приходите на клубовите, најмногу во делот на маркетингот, продажбата на влезници поради заклучените стадиони, намалените спонзорски договори, но и намалените приходи од ТВ-права, довеле екипите да немаат доволно средства за да финансираат за засилувања, а со тоа се спречил ланецот во кој помалите клубови кои практиќно живеат од продажба на фудбалери, помалку да заработуваат и да останат покуси за тие 1,7 милијарди долари што во нормални услови најмалку ќе биле распределени.

Извештајот на ФИФА покажа дека Бразил, како најфудбалската земја на светот, останува најголем извозник на играчи, па дури 2.000 Бразилци направиле трансфери во целата 2020 година, дури и повеќе од „најблиските ривали“, Аргентина и Велика Британија, кои и заедно не може да ја стигнат бројката на „кариоките“ - по нешто над 800 играчи.

Но, ако се гледа според вредноста на фудбалерите, иако кумулативно најголем дел од потрошените пари за фудбалери, цели 734 милиони долари биле исплатени за Бразилци, сепак Шпанците се најмногу на цена, бидејќи на нив биле потрошени 612 милиони за 558 играчи од Пиринеите кои направиле трансфери.