„Кориере“: Второлигаши го сакаат Несторовски, ама немаат пари да го платат!

Четири италијански второлигаши сакаат да го земат македонскиот репрезентативец Илија Несторовски од Удинезе, а Спал во моментов е најконкретен, но шансите за такво нешто се многу мали поради високата плата што ја има центарфорот во италијанскиот калчолигаш, тврди „Кориере дело Спорт“.

Спал, Бреша, Монца и Порденоне во последниов период се поврзуваат со евентуален трансфер на Несторовски, но годишната плата од 500 илјади евра, која лани ја објавуваа италијанските медиуми, е преголем залак за било кој клуб од Серија Б во моментов, па многу се минимални шансите за трансфер, освен ако Удинезе не се согласи да ја исплаќа платата, а прилепчанецот на заем да игра во друг клуб, што би било тешко остварливо.

Несторовски не е во прв план кај тренерот Готи, па Удинезе ќе се засили со Фернандо Љоренте после заминувањето на Кевин Ласања и македонскиот центарфор ќе остане втора или трета опција за мечевите, а сезонава добива премалку шанса и за да игра константно подобрата варијанта е да направи трансфер. Но, финансиите, посебно во ек на оваа коронакриза се преголема пречка.

До крајот на преодниот рок остануваат уште четири дена и прашање е дали ќе има некакво решение, ама како што потенцираат од Апенините, малку е веројатно дека заминување на Несторовски од Удине ќе се случи.