Конте: Ова е дерби, не е прошетка низ парк

Миланското дерби во италијанскиот Куп вчера предизвика големо внимание во јавноста особено по дуелот помеѓу Ромелу Лукаку и Златан Ибрахимовиќ. 

Интер славеше со 2-1 против Милан и се пласираше во следната рунда (полуфиналето). Ибрахимовиќ беше трагичар, бидејќи на стартот на второто полувреме заработи втор жолт картон по еден прекршок над Коларов и беше исклучен, кога неговиот тим водеше со 1-0. 

Тоа донесе голем пресврт во играта па Интер целосно доминираше на теренот со играч повеќе. Доби пенал за 1-1, а потоа го реши натпреварот во 97-та минута од слободен удар преку Кристијан Ериксен.

„Ова беше навистина тежок натпревар, Милан е силен тим и затоа е лидер на табелата, па затоа нивната елиминација е голема работа за нас. Милан има квалитет, но дури и 11 на 11 имавме шанси за пресврт. Мислам дека до пресвртот резултатот не беше фер. Имавме иницијатива цел натпревар, а нивниот голман беше МВП“, искоментира тренерот на Интер, Антонио Конте.

Тој се осврна и на дуелот помеѓу Лукаку и Ибрахимовиќ.

„Ова е дерби, не е прошетка низ паркот. Неизбежно е двата тима да чувствуваат тензија, сакаме оваа победа да им ја посветиме на навивачите кои дојдоа да не бодрат пред тимскиот автобус пред натпреварот. Сакаме да ја споделиме оваа радост со нив“, додаде Италијанецот.