„Кога го погледнав Ериксен беше мртов, таа слика што ја видов не му ја посакувам на никого“

Мартен Брајтвајт, доскорешниот фудбалер на Барселона и репрезентативец на Данска проговори за хоророт што се случи на стартот на Европското првенство кога неговиот соиграч Кристијан Ериксен доживеа срцев удар и колабираше, а потоа лекарите успеаа да му го спасат живорот на на најголемата данска ѕвезда.

Ериксен после хоророт доби дефибрилатор во срцето по хируршка интервенција и сега прашање е дали воопшто ќе продолжи со фудбалот, а Брајтвајт сведочи за страшните сцени откако неговиот другар падна како покосен на теренот.

„Беше еден момент кога го погледнав Ериксен и тој беше мртов! Кога ќе видиш мртво тело, немаш сомневање. Знаеш веднаш дека некој е мртов, тоа е јасно. Тоа го видов и почнав да се молам. Во тој момент почувствував дека тоа е единствено нешто што можам да го направам, да се свртам кон Бог“, сведочи Брајтвајт.

Офанзивецот беше еден од првите што го виде колабираниот Ериксен, а веднаш потоа сите соиграчи го опкружија, за навивачите и камерите да не може да видат што се случува, додека лекарите го оживуваа Ериксен, пред да биде однесен во болница.

„Сите лекари тогаш го спасуваа Кристијан. И таа слика што ја видов, не му ја посакувам на никого. За среќа сѐ заврши добро, Ериксен е добро и тоа сите го посакувавме“, додава Брајтвајт.

Ѕвездата на Интер, Ериксен не може да продолжи да игра во Серија А поради дефибрилаторот во срцето, но неделава ќе има лекарски прегледи за да се види дали може да ми се извади тој дефибрилатор и да продолжи да игра фудбал, но сѐ зависи од тоа колку срцето е силно и неоштетено по ударот.