„Кога ги слушам навивачите како викаат 'Барди, Барди' знам дека можам да дадам гол!“

Еден од најуспешните македонски репрезентативци, Енис Барди, денеска се обврза да ја продолжи својата кариера во Леванте, најмалку до 2022 година, а во изјава за клупскиот сајт ги искажа своите импресии од новиот договор.

Барди е среќен што може да игра во Леванте и затоа посака да остане, не гледајќи по привлечните понуди кои кружеа околу него летово. Уште на почетокот на сезоната се истакна со добрите настапи и еден прекрасен гол од слободен удар и затоа искрено вели дека се чувствува како дома.

„Многу сум задоволен, се чувствувам одлично овде, особено сега, во последно време, почнав да се чувствувам како дома. Овде дојдов пред една година и се надевам дека ќе останам овде многу години“, рече Барди, кој дојде во Леванте минатата сезона од Ујпешт, за еден и пол милион евра.

Уште пред да почне сезоната тој покажа кое е неговото убиствено оружје, постигнувајќи неколку гола од слободен удар, а потоа во текот на сезоната постигна дури девет. Откри од каде ја црпи мотивацијата.

„Првите натпревари кои ги одиграв за Леванте ми дадоа многу самодоверба, ми дадоа поддршка и сите од клубот и од навивачите. Тоа ми дава сила и желба да продолжам да работам и да дадам уште многу за овој клуб. Особено сум благодарен на навивачите, што нѐ поддржувааат, тие се навистина нашиот 12-ти играч. Со нас се и во добро и во лошо и затоа се чувствувам одлично овде. Всушност, навивачите се една од причините поради кои играм со самодоверба, кога ќе чујам како навиваат „Барди, Барди“, тоа ми дава голема самодоверба и јас навистина верувам дека можам да постигнам гол или да ја загрозам противничката екипа“, вели Барди.