„Кога дојде Солшер, беше како Фергусон да влегол во соблекувалната“

Манчестер јунајтед под водство на Оле Гунар Солшер одигра 11 натпревари на кои оствари 10 победи и само еднаш ремизираше и тоа на „Олд Трафорд“ против Барнли. 

Тој силно влијаеше на фудбалерите на „црвените ѓаволи“, кои се препородија по заминувањето на Жозе Мурињо. Ешли Јанг, кој вчера го продолжи договорот со клубот, откри како фудбалерите се почувствувале кога Солшер за прв пат се појавил во соблекувалната.

„Кога Оле Гунар беше назначен за менаџер и кога дојде во соблекувалната постоеше некое чувство дека Сер Алекс Фергусон е повторно тука. Бидејќи тој беше придружуван од Мајк Фелан (долгогодишен помошник на Фергусон) и Мајкл Керик. Но и поради фактот што Оле точно знае што значи да се игра за овој клуб. Тој е опседнат да победува и фактот неговите играчи да 'процветаат' на теренот“, вели Јанг, кој и самиот ја врати формата и го истисна од тимот капитенот Антонио Валенсија на десната бековска позиција.