Клоп и Покетино бурно реагираат за трансфер-периодот: Ова е надвор од здравиот разум!

Менаџерите на двата финалисти во Лигата на шампионите, Јирген Клоп (Ливерпул) и Маурисио Покетино (Тотнем) жестоко и бурно реагираат на правилата за преодниот рок, поради затворањето на пазарот за Премиерлигата, но не и за европскиот пазар.

Додека англиските клубови завршија со засилувањата пред стартот на новата сезона, во Европа отворен е пазарот до 2 септември, а засилувања може да си бараат сите, иако лигите веќе им се започнати или сега ќе почнат (Серија А).

„Не ми е гајле кога преодниот рок ќе биде затворен, ама треба да биде во исто време како и сите други. Тоа беше идејата, сите да завршат со пазарење пред почеток на првенствата. А, сега само во Англија е тоа правило и никаде на друго место. Ова нема никаква смисла и е надвор од паметот. Каква е таа предност што ја има Премиерлигата? Ние да не може да купуваме, а некој да може да ни купи фудбалер“, вели Клоп.

Менаџерот на Тотнем е во поголем проблем зашто во последната недела од преодниот рок може да остане без Данецот Кристијан Ериксен.

„Ако мене ме прашувате ова нема врска со здрав разум. Треба да се вратиме на тоа како беше порано“, вели Покетино.

Пред две години англиската Премиерлига изгласа да се затвори преодниот рок пред стартот на сезоната, а тогаш против беа само двата клуба од Манчестер,Кристал Палас, Вотфорд и Свонси, додека Тотнем и Ливерпул тогаш се изјаснија „за“.