Клоп: Главни фаворити за европската круна се – Баерн Минхен и Манчестер сити!

Германецот Јирген Клоп, менаџерот на ланскиот европски првак Ливерпул и нов англиски владетел посочи дека Баерн Минхен и Манчестер сити во моментов се двата најсериозни и најголеми кандидати за европскиот трон, откако УЕФА за август го закажа доигрувањето на сезоната во европската елита.

Португалската престолнина Лисабон ќе биде домаќин на завршниот турнир, фајнл-ејт, во Лигата на шампионите, а Ливерпул нема да ја брани круната откако уште во март пред да се прекине фудбалот поради пандемијата со коронавирус испадна во осминафиналето од Атлетико Мадрид. Баерн и Сити треба да ги доиграат реванш осминафиналињата, а Баварците имаат лесна задача после гостинските 3-0 со Челси, додека „граѓаните“ ги очекува „второ полувреме“ со Реал Мадрид, со преност од гости од 2-1.

„Според мене двата најголеми фаворити кои останаа во ЛШ за оваа сезона се Баерн Минхен и Манчестер сити. За мене ова се двата најголеми фаворити. Не знам кога би можело да се сретнат, ама секако дека тој меч ќе биде фантастичен. Баерн имаше импресивна сезона (ја освои двојната круна – н.з.), како пред, така и после пандемијата и сето тоа е откако Ханси Флик го презема тимот. За Сити не треба да се трошат зборови, погледнете само каков тим имаат. Јас не сакам останатите да ги исклучам од трката, но за мене ова се двата главни фаворити. Сепак, за трофејот ви треба не само подготвен тим, туку и среќа, но јас секогаш повторувам за титула ви треба најдобриот тим кој ќе игра финале“, потенцира Клоп.