Ќе има тепачка за потпис: Еден куп гиганти на дело видоа зошто вреди сто милиони евра!

Одамна светските медиуми најавуваат спектакуларен трансфер до сто милиони евра за младата српска ѕвезда на Лацио и светски младински првак со „орлите“ од 2015 година, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, а синоќа во Бергамо скаутите на најголемите европски гиганти можеа на дело да се уверат зошто толкава е трката за неговиот потпис.

На трибините во Бергамо, според медиумите во Италија, биле скаути на ПСЖ, Барселона, Челси, Манчестер јунајтед, Монако... Сите се заинтересирани да го видат Милинковиќ-Савиќ во своите редови и сега прашање е колј ќе ги даде стоте милиони евра, колку што римски Лацио бара за него. Пред очите на скаутите, Србинот даде два од трите гола на Лацио и само потврди дека е еден од клучните играчи на „орлите“.

„Јас долго време зборувам дека ова момче од генерацијата 1995 има огромен квалитет и тоа го комбинира со континуитет. И помага на екипата дури и во фаза кога ја немаме топката. Комплетен фудбалер е и има уште многу простор за напредок“, вели Симоне Инѕаги, тренерот на Лацио.

Наводно ПСЖ веќе испратил прв понуда за српскиот фудбалер, а во следниот период се очекува секојдневна лицитација за иднината на офанзивниот фудбалер.

„Знаеме дека сите го гледаат Милинковиќ-Савиќ, ама знам и дека него тука кај нас му е супер и дека сака да остане долго. Тоа што дојдоа сите да го гледаат е нормално, но јас мислам дека Сергеј добро се чувствува во Лацио“, вели Анџело Перуци, спортскиот директор на римскиот калчолигаш.