Ќе биде ли историја: Жена го менува Сари на клупата на Челси за идната сезона?

Лондонски Челси најверојатно после само една сезона ќе се раздели со Италијанецот Маурицио Сари и ќе бара нов кормилар на „сините“, без оглед дали лондонскиот премиерлигаш идната среда ќе го освои трофејот во Лига Европа, цела недела се најавува оваа опција како реална во англиските медиуми.

После најавите за заминување на Сари, први на листата за засилувања се Масимилијано Алегри, кој летово завршува со Јувентус, како и Френк Лампард, легендата на клубот кој со Дерби ќе игра финале за пласман во Премиерлигата. Но, „Скај Спорт“ објави дека од никаде за менаџер на Челси влетува и една жена.

Станува збор за Ема Хејс, тренерот на женскиот тим на Челси, која сезонава стигна до третото место во женската Премиерлига, а со години работи во овој клуб и неодамна изјави дека блиску е моментот кога припаднички на понежниот пол ќе седнат на клупата на машките тимови. Таа со Челси играше и полуфинале во женската ЛШ.

Според англиските медиуми, Хејс е многу популарна во клубот, па е ставена на листата на потенцијални кандидати за менаџерската позиција и дека во клубот сериозно размислуваат и за оваа опција.

„Дали јас или некој друг, еден ден жена ќе води машки професионален клуб. Ако е вистинскиот клуб, тогаш прашањата за преодниот рок би биле и полесни. Челниците на клубовите треба да бидат прогресивни кога размислуваат. За мене тоа е борба да им ја отвориме вратата на жените во фудбалот“, рече неодамна Хејс.

Останува да се види дали Челси ќе биде првиот клуб кој ќе ја напише историјата, жена да тренира машки клуб?