Кардиф и Нант конечно се договорија за трансферот на починатиот Сала

Голема трагедија на почетокот на оваа година го потресе светот откако аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала загина во авионска несреќа на пат од Нант кон Кардиф, по реализираниот трансфер вреден 17 милиони евра. И токму тој трансфер, после трагедијата стана проблематичен, зашто Велшаните не сакаа да ги платат парите, а Французите си го бараа договореното.

И откако беше објавено дека веројатно трансферот кој беше договорен, а Сала и се сликаше со дресот на Кардиф, пред да се врати во Нант за последно збогум и не доживеа да стигне на првиот тренинг за новиот клуб, конечно двата клупа според последните информации успеале да се договорат околу тој трансфер.

Велшаните до синоќа требаше да ја уплатат првата рата од шест милиони евра, но одбиваа тоа да го сторат, па Нант се закануваше со тужба во ФИФА, за на крај двата клуба да се договорат рокот да биде пролонгиран за уште една недела и изплатата да се случи најдоцна до 27 февруари.

Инаку Кардиф пред три дена, според пишувањата на англиските медиуми, барале совети од останатите премиерлигаши за тоа дали може правно и легално да го избегнат плаќањето на трансферот. Дури и бараа финансиска помош од останатите 19 клуба за да не заглават со трансферот.

Според стручњаците, велшкиот клуб нема да може да ја избегне исплатата, ама тие за секој случај ангажирале адвокати кои треба да помогнат во „борбата“ против клубот од Франција.