Јувентус подготвува нова размена во која го дава Гонзало Игуаин

Откако заврши размената на фудбалери за врска помеѓу Јувентус и Барселона, која беше нетипична и се исплаќаа пари за да се изигра финансискиот фер-плеј на УЕФА околу Миралем Пјаниќ и Артур Мело, „старата дама“ подготвува нова размена во која овојпат ќе се откаже од аргентинскиот напаѓач Гонзало Игуаин.

Јувентус од поодамна сака да го купи одличниот италијански репрезентативец Федерико Кјеза од Фиорентина, ама никако не може да се усогласи околу откупната клаузула на офанзивното крило, па спорд последните информации од Апенините, сега на „виолетовите“ им го нуди Игуаин во замена.

Според „Газета дело Спорт“, Јувентус освен Игуаин на Фиорентина и ја нуди и комплетната сопственост на Кристијано Ромеро, па сето ова ги заинтересирало челниците на „Артемио Франки“, кој полека омекнуваат околу ставот за продажба на Кјеза, особено поради нешто послабите настапи во последниот период на офанзивниот играч.

Ромеро моментно му е соиграч на Горан Пандев во Џенова и по завршување на сезонава ќе се врати во „старата дама“, но најголем проблем засега за реализација на размената е големата плата на Игуаин од седум милиони евра и прашање е дали Фиорентина ќе може да ги договори условите со него.