Јунајтед со играч помалку го победи Ипсвич, Сити славеше кај Тотнем (ВИДЕО)

Манчестер јунајтед со 3-2 го победи Ипсвич во меч во кој црвените ѓаволи повеќе од 50 минути играа со фудбалер помалку, Сити со гол на Халанд со 1-0 славеше на гостувањето кај Тотнем.

Мечот на Олд Трафорд започна ужасно за Манчестер јунајтед, Ипсвич поведе во четвртата минута со гол на Филоген по една неверојатна грешка на Доргу и Онана.

Но, веќе во 22. минута Морси си даде автогол за израмнување на 1-1, а четири минути подоцна Де Лихт постигна погодок за комплетен пресврт и предност на Јунајтед од 2-1.

Во 44. минута Доргу заработи директен црвен картон поради остарт старт со отворен ѓон, Манчестер јунајтед остана со фудбалер помалку.

Тоа брзо го искористи Ипсвич и пред крајот на првото полувреме Филоген повторно даде гол овојпат за 2-2.

Но и покрај тоа што имаа играч помалку, Манчестер јунајтед дојде до победа од 3-2 благодарение на гол на Мегваер по две минути игра во второто полувреме.

Манчестер Сити со гол на Халанд уште во 12. минута го победи Тотнем на негов терен со минимални 1-0.

На мечот меѓу Нотингем форест и Арсенал немаше голови, дуелот заврши 0-0.

Нерешено заврши и натпреварот меѓу Брентфорд и Евертон, на овој дуел имаше по еден гол на двете страни.