Јунајтед доби корпа од Ракитиќ: Хрватот не сака да живее на Островот

Манчестер јунајтед беше еден од неколкуте европски великани кои сериозно се заинтересирани да го ангажираат хрватскиот репрезентативец Иван Ракитиќ од Барселона, откако фудбалерот за врска веќе извесно е дека на зима ќе си замине од Каталонија, зашто нема никаква минутажа во оваа сезона.

Ракитиќ сезонава е во втор план кај Ернесто Валверде, зашто помладите Артур и Френки Де Јонг се во преден план, па Хрватот сега бара решение каде да ја продолжи кариерата. Деновите европските медиуми најавија дека интерес за него има од миланските Интер и Милан, но и од англискиот гигант Јунајтед.

Но, англиските медиуми според добро упатени извори веќе објавија дека Јунајтед добил корпа од Ракитиќ, па практично „црвените ѓаволи“ испаѓаат од трката, зашто не сакал да живее на Островот. Така веројатно Серија А ќе биде следната дестинација на бившиот фудбалер на Базел и Севилја, кој во Барселона е од 2014 година.

Цената според најавите е 40 милиони евра, а досега во сезонава одигра само еден меч како стартер од десет и процентуално добил само 21 отсто од минутите од тренерот Валверде.