Јаховиќ распука по ФФМ: Во Турција ме номинираа за награда, во Македонија не сум ни гостин

Македонскиот фудбалски интернационалец Адис Јаховиќ на синоќешните награди за најдобри во турската Суперлига, беше номиниран за најдобар напаѓач во сезоната 2017/2018. 

Поранешниот репрезентативец игра одлично во турскиот шампионат изминатите две години во дресовите на Гецтепе и Коњаспор. Во Македонија никако да влезе во конкуренција за најдобар фудбалер или најдобар македонски интернационалец, но затоа имаше чест да биде помеѓу најдобрите во Суперлигата на Турција.

Јаховиќ реши повторно да „распали“ по Фудбалската федерација на Македонија, како многу пати изминатиот период.

„Е моја македонска федерација, можеш да замислиш дека во толкава Турција од 84 милиони луѓе, Адис Јаховиќ е повикан како гостин и конкурент за најдобар напаѓач во сезоната 2017/2018 во Суперлигата на Турција, а во Македонија не сум ни гостин, а камо ли да бидам во конкуренција за нешто од минатата сезона со 19 голови и 5 асистенции или вкупно за две сезони, 41 гол и 12 асистенции. БРАВООО“, напиша на „Фејсбук“ фудбалерот. 

Јаховиќ беше во конкуренција за најдобар напаѓач покрај Андерсон Талиска од Бешикташ, Бафитеми Гомис од Галатасарај, Бурак Јилмаз од Трабзонспор и Емануел Адебајор од Башакшехир. Наградата му припадна на Французинот Гомис.