Италија ја суспендира лигата во која играат Трајковски и Несторовски

Двајцата македонски репрезентативци Александар Трајковски и Илија Несторовски останаа без фудбалски мечеви во моментов, само два дена откако Палермо ја забележа првата сезонска победа, откако Италија денеска ја суспендираше Серија Б.

Судскиот совет на италијанскиот олимписки комитет (КОНИ) ја прифатила жалбата на пет клубови Про Верчели, Тернана, Сиена, Новара и Катанија за да се вратат во италијанската Серија Б. Втората лига во Италија брои 22 екипи, но почна со три помалку откако банкротираа Бари, Авелино и Чезена и раководството на лигата не ја пополни истата со бројката која традиционално игра, туку остави сезоната да почне со 19 екипи.

„Регионалниот Административен суд на областа Лацио, суспендирајќи ја одлуката, ја суспендира Серија Б. Во петок на 21 септември, комитетот ќе го разгледува случајот во кој треба да биде одлучено дали лигата ќе се игра со 22 екипи или со 19. За сето тоа ќе се реши в петок“, објави Франко Фратини.

Петте клуба сега се надеваат дека ќе добијат шанса да играат во Серија Б. Ова значи дека викендов ќе нема мечеви поради суспензијата, а сега е нејасно како и што ќе продолжи сезоната. Трајковски сезоната ја почна во одлична форма со два гола и една асистенција, а во неделата беше најдобар поединец во воведната сезонска победа на сицилијанците. Несторовски, пак, сезоната ја почна како резерва, иако претходно во Купот беше стартер.