Интересен предлог: Драфт во Премиерлигата по примерот на НБА

Премиерлигата треба да ги позајмува своите млади фудбалери во послабите англиски лиги и да се користи драфт-системот како во НБА-лигата и другите американски спортови, е предлогот на сопственикот на англискиот третолигаш Питерборо, Дара Мекентони. 

Тој вели дека ваквиот начин на доведување млади фудбалери на позајмица многу ќе им помогне на клубовите во Лига 1 и Лига 2, кои се трет и четврти ранг на натпреварување во англискиот фудбал. Сегашниот систем на позајмици е доста скап за овие помалку фудбалски клубови, со оглед дека плаќаат за младите фудбалери кои ги носат на позајмица.

Според предлогот на Мекентони, сите 20 премиерлигаши да одредат по пет млади фудбалери кои би влегле на драфтот, а сите 48 тимови од Лига 1 и Лига 2 да можат да одберат по двајца фудбалери за позајмица на една сезона.

„Можете ли да ја замислите возбудата секој месец јуни? Шоуто да биде пренесувано во живо на телевизија, а целиот настан да се одржи на Вембли, каде ќе бидат сите 48 клубови од Лига 1 и Лига 2, како и младите фудбалери кои ќе бидат на драфтот. Тие чекаат во соба додека не биде повикан нивниот број“, вели Мекентони.

Иако предлогот на сопственикот на Питерборо е интересен, останува да видиме дали ќе наиде на подршка од Фудбалската асоцијација на Англија и секако од Премиерлигашите. Можеби и клубовите нема толку да се противат со оглед на тоа дека секое лето позајмуваат огромен број на млади фудбалери се со цел да се стекнат со искуство. Клубовите веројатно нема да претрпат преголема штета, но дефинитивно ќе им помогнат на клубовите во Лига 1 и Лига 2.