Интер слави сред Рим: Прв пласман во ЛШ по шест години (ВИДЕО)

Интер се пласираше во Лигата на шампиони, откако вечерва во директен дуел со Лацио го освои четвртото место во Серија А. 

„Нераѕурите“ славеа на сензационален начин со 3-2 на „Олимпико“ благодарение на пресвртот во финишот од натпреварот. Лацио поведе со 1-0 по несреќниот автогол на Иван Перишиќ уште во деветата минута. Деамброзио израмни за гостите на 1-1 по половина час игра, но во финишот на првото полувреме Фелипе Андерсон ги врати домашните во водство од 2-1.

Драмата и пресвртот започнаа во 78-та минута, кога Стефан де Фрај направи пенал врз Мауро Икарди. Аргентинецот беше прецизен од белата точка за својот 29-ти првенствен гол. Само минута подоцна капитенот на Лацио, Сенад Лулиќ го остави тимот на цедило, кога без потреба стартуваше опасно и судијата Џанлука Роки му покажа втор жолт картон. Веќе во 81-та минута Интер направи пресврт со голот на Матијас Весино.

Интер се враќа во Лигата на шампиони по сезоната 2011/2012. Со овој пораз, Лацио финишира на петтото место на табелата и ќе игра во Лигата на Европа следната сезона.