Интер останува првак од 2006: Врховниот суд ја одби жалбата на Јувентус!

Милански Интер останува шампион на Италија за 2006 година, откако Врховниот суд на Италија ја одби жалбата на Јувентус да му се одземе „скудетото“ на миланскиот великан од таа година, во која Апенините беа потресени од аферата Калчополи.

Во големата афера Јувентус настрада со исфрлање во понизок ранг и поништување на две шампионски титули од 2005 и 2006 година. „Старата дама“ остана без тие два трофеи, иако доминираше во италијанскиот фудбал, а тогашниот директор Лучано Моџи беше првообвинет дека ги „местел судиите“ и лобирал за тие да им судат на мечевите во Серија А.

Во таа сезона 2006, покрај Јувентус, Милан, Фиорентина и Лацио остана без по 30 бода, па така Интер стана првак и тоа со административна одлука. Но, во 2011 година беше откриено дека „нераѕурите“ исто така биле вплеткани во големиот скандал, но тогаш сето тоа било премолчено.

Поради тоа, Јувентус започна судска постапка титулата да му се одземе на најголемиот ривал. „Старата дама“ се жалеше на сите можни нивоа, а на крајот постапката дојде до Врховниот суд и беше одбиена. Така Интер останува првак за 2006 година. Одлуката на Врховниот суд била со образложение дека сето тоа е „застарено дело“ и дека нема потреба за старо дело да се решава сега.

Инаку, Јувентус пред две години бараше и отштета од 400 милиони евра заради нарушен углед, откако докажале дека не учествувале во најголемиот дел од аферата Калчополи. Но, и таа жалба за финанска компензација и загуба на пари поради исклучивањето од Серија Б, беше одбиено.