Интер на маки: Поради финансискиот фер-плеј мора да продаде една голема ѕвезда?

Поранешниот италијански и европски првак Интер, кој не успеа да обезбеди пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите, се наоѓа во сериозен проблем и тоа поради прекршување на финансискиот фер-плеј на УЕФА.

„Нераѕурите“ не се соочуваат со некаква санкција или исфрлање од Европа поради тоа прекршување на правилникот за финансии, туку ќе мора да избалансираат долг од 50 милиони евра. Што значи за почеток, за да не се најдат во поголеми проблеми во Нион, ќе мора да продадат неколку фудбалери или некоја од своите ѕвезди.

И ова доаѓа во момент кога е промовиран Бепе Марота за директор на клубот, а човекот е екстра засилување откако од Јувентус направи најдоминантен клуб во „лига петка“ со седум титули по ред, а на пат е и осмата.

Поради проблемот со финансискиот фер-плеј, сега на Апенините се шпекулира дека Интер ќе го продаде сјајниот словачки дефанзивец Милан Шкринијар, чија вредност се проценува на 75 милиони евра. Продажбата на овој фудбалер ќе ги среди проблемите на „нераѕурите“ со финансиите пред УЕФА, ама и ќе остави пари за некое друго засилување.

Манчестер јунајтед и Барселона сега се на стенд-бај, ако се случи продажбата веднаш да изреагираат и да го ангажираат Шкринијар.