Интер има брутално богат план за Модриќ, кој ќе биде уште побогат и по заминувањето од Милано?!

Можното доаѓање на најдобриот фудбалер од последното СП во Русија, Лука Модриќ во Интер од Реал Мадрид повторно ги крена Апенините на нозе, па во моментов се чека состанокот на Хрватот со претседателот на „кралевите“ Флорентино Перез за да се реализира евентуалниот план.

И додека медиумите секојдневно пишуваат приказни, еден од најугледните италијански спортски весник „Кориере дело Спорт“ го откри бруталниот план на „нераѕурите“ за да го донесат Модриќ и според кој, Хрватот ќе го наполнат со пари. Не затоа што во четиригодишниот договор му нудат плата што е речиси иста како во Мадрид, туку и податок дека му осигуруваат иднина пред пензија ептен добро да заработи и тоа од – Кина.

Покрај четиригодишниот договор во Милано, Интер на Мордиќ му нуди и сигурен трансфер во кинески Џингсу Сунинг, чии сопственици се најголемите акционери во гигантот од „Џузепе Меаца“.

Тоа што е сигурно е дека Модриќ во Кина може да добие и двојно повеќе пари како годишна плата од таа во Милано, со оглед на трендот што го наметнаа Кинезите да ловат големи ѕвезди, макар тие биле и пред пензија, а да им дадат пари што тешко дека може да ги заработат на Стариот континент.

Модриќ пред две години исто така имаше неверојатна понуда од 20 милиони евра од неименуван кинески клуб, но тогаш реши во најубавите фудбалски години да остане во Реал Мадрид со кој има договор до јуни 2020 година. Модриќ во Мадрид беше еден од незаменливите играчи, кој во мај годинава постави рекорд со хет-трик на трофеи во Лигата на шампионите. Хрватот има четири европски круни и веројатно е заситен во Мадрид, иако изјавуваше дека сака на „Бернабеу“ да ја заврши кариерата, па сега новите предизвици и шансата ептен добро да го наплати својот фудбалски талент делуваат и тоа како примамливо.

Инаку Модриќ за четири години, кога евентуално би му завршил договорот со Интер, ако дојде до таква реализација ќе има 36 години и практично ќе биде пред пензија, па Кина е најлогичната опција за да заработи уште десетици милиони евра и да си го осигура животот. Затоа и планот на „нераѕурите“ делува и тоа како можен за да се убеди Хрватот да дојде на „Џузепе Меаца“.