Интер и Милан се натпреваруваа кој ќе биде поубедлив (ВИДЕО)

Комплетирано е првото коло во новата сезона од Серија А, а во неделната централна програма фокусот го украдија миланските гиганти Интер и Милан со убедливи победи.

Милан и Интер како да се натпреваруваа меѓу себе иако играа на различни стадиони. На крај тој замислен дуел заврши нерешено бидејќи и двете славеа со по убедливи 3-0 против своите ривали.

Дека Милан ќе доминира на гостувањето кај Кротоне се насети уште во петтата минута, кога Чекерини доби директен црвен картон, а судијата покажа на белата точка. Еден од мноштвото нови фудбалери, Кеси ја погоди целта за 1-0, отворајќи ја стрелбата. Не истече ни пола час од средбата кога Кутроне и Сусо погодија за 3-0, притоа и асистирајќи си еден на друг.

Со 3-0 Интер ја победи Фиорентина на „Џузепе Меаца“ и тоа на сличен начин, со рано водство од пенал. Икарди во шестата минута беше прецизен, откако претходно самиот беше соборен. Истиот играч потсети дека знае да погодува и од игра и тоа со глава, по асистенција на Перишиќ за 2-0 до паузата, а во вториот дел Хрватот самиот погоди со глава за конечните 3-0.

Во првиот меч за Џенова, Горан Пандев беше стартер и одигра до 74. минута во гостувањето кај Сасуоло, кое заврши без голови. Македонскиот капитен имаше шанса во 13. минута, со глава, но домашниот голман интервенираше.