Инсиње дозна каква повреда има, но Наполи не го отпишува за мечот со Барса

Капитенот на италијански Наполи, Лоренцо Инсиње ја дозна дијагнозата по повредата на последниот меч со Лацио во саботата, поради која со солзи го напушти теренот и беше заменет од македонскиот бисер Елиф Елмас во завршницата од мечот и победата на наполитанците со 3-1.

Повредата на Инсиње дојде во најлош момент зашто неделава Наполи го очекува гостувањето кај Барселона во реванш осминафиналето во ЛШ (1-1 по првиот меч), па попладнево беше откриена точната дијагноза.

Инсиње има повреда на адукторот, а од Наполи објавија дека секојдневно ќе се следи неговата состојба.

„Лоренцо Инсиње, кој се повреди на последниот меч од сезонава во Серија А со Лацио после комплетните тестови има парцијална повреда на тетивата на адукторот на левата нога. Неговата состојба сега ќе се следи од ден во ден“, објавија од Наполи.

Според најавите Инсиње ќе патува за Барселона, а дали ќе игра нема да се знае до последен момент, па Елмас ќе биде на готовс да го пополни местото во пресметката со шпанскиот великан. Победникот од мечот оди на фајнлејт-турнирот во Лисабон.